Синдикатите и Владата на Република Македонија постигнаа договор, од септември платите во јавниот сектор се зголемуваат за 10 отсто

Синдикатите и Владата денеска постигнаа договор за зголемување на платите и за методологијата за покачување на платите во јавниот сектор.

Платите во јавниот сектор од 1 септември се зголемуваат за 10 отсто, а вработените ќе добијат и К-15.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека е постигнат договор за потпишување на општиот колективен договор и за сите оние спорни прашања за кои со месеци се разговарало со синдикалните претставници.

„Се договоривме новата методологија за пресметка на платите за вработените во јавниот сектор да започне од март 2025. Со септемвриската плата во 2023 година ќе има процентуално зголемување на платите во јавниот сектор, К-15 до крајот на декември 2023 година. во износ од 10.000 денари, додека во општиот колективен договор ќе има одредба исплатата на К-15 од 2024 година да изнесува најмалку 30 отсто од просечната плата во претходната година“, најавува Тренчевска во изјава до медиумите по средбата.