– Синдикатот на машиновозачи на Македонија при МЖ Транспорт АД Скопје бара да се спроведе одлуката на Владата за вработување на 40 машиновозачи на неопределено време. Ако не се вработи нов извршен персонал, според Синдикатот, ќе се откажат поголем број патнички и товарни возови.
Синдикатот се повикува на Одлука од 103 седница на Владата со број 41-8087/6 од 23 ноември 2022 година за прием на 40 машиновозачи на неопределено работно време со која што го задолжува Министерството за финансии веднаш да даде согласност.
-Бараме во најкус можен рок да се спроведе Одлуката, во спротивно поради немање доволен број машиновозачи (извршен персонал) ќе бидеме приморани да откажаме поголем број патнички и товарни возови со што би загрозиле и така лошата финансиска состојба на претпријатијата, стои во барањето што СММ го испрати до Владата и министерствата за транспорт и врски и за финансии.