Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА денес треба да одржи седница на која се очекува да биде донесена одлука за обединување со ПОА. Со тоа треба да се финализира договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА.
Митрополитот преспанско-пелагониски Петар синоќа во тв интервју потврди дека денеска Синодот ќе се расправа за интегрирање на ПОА во МПЦ. На седницата ќе присуствуваат само митрополитите кои имаат епархии, иако претходно беше објавено дека Синодот ќе заседава во полн состав, односно според Уставот на МПЦ-ОА со сите епархиски архиереи и викарните архиереи избрани во МПЦ-ОА. Според владиката Петар, Уставот е сменет и тие измени предвидувале викарните епископи да не се членови на Синодот.
За одлуката што треба да ја донесе Синодот, вели дека не може однапред да каже каква ќе биде и дали, како што наведе, некој ќе биде задоволен или незадоволен.
„Меѓутоа тоа не е конечно, се додека и Синодот на нашата црква и Синодот на српската црква конечно не изградат заеднички став по тоа прашање и откако Соборот на архиереите на СПЦ изградат таков заеднички став по тоа прашање и го потврдат, со тоа се разрешува ова прашање“, изјави владиката Петар.
Веб-порталот Religija.mk вчера објави дека постои начелен договор со СПЦ околу тоа како да бидат интегрирани владиците на ПОА и кои епархии ќе им бидат дадени. Се очекува тоа да биде направено со прерспределаба на постојните епархии на МПЦ-ОА. Заокружувањето на процесот на интеграција би значел и формално згаснување на ПОА и нејзино целосно приклучување и обединување со МПЦ-ОА како единствена македонска автокефална црква.