Синодот утре ќе одржи седница на која треба да одлучи за обединување на МПЦ-ОА и ПОА, потврди митрополитот Петар
– Митрополитот преспанско-пелагониски Петар потврди дека за утре е закажана седница на Светиот архиерејски синод на која треба да се донесе одлука за обединување на МПЦ-ОА и ПОА, со што треба да се финализира договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА.
-Точно е тоа дека ќе се расправа за нивно интегрирање во МПЦ, а како ќе се донесе одлука и каква ќе биде таа одлука, дали ќе биде некој задоволен или незадоволен не може ништо да кажеме однапред туку откако ќе се одржи седницата. Меѓутоа тоа не е конечно, се додека и Синодот на нашата црква и Синодот на српската црква конечно не изградат заеднички став по тоа прашање и откако Соборот на архиереите на СПЦ изградат таков заеднички став по тоа прашање и го потврдат, со тоа се разрешува ова прашање, вели владиката Петар во гостување на Топ Тема на Телма.
На седницата, вели, ќе присуствуваат само митрополитите кои имаат епархии, иако претходно беше објавено дека Синодот ќе заседава во полн состав, односно според Уставот на МПЦ-ОА со сите епархиски архиереи и викарните архиереи избрани во МПЦ-ОА. Според владиката Петар Уставот е сменет и тие измени предвидувале викарните епископи да не се членови на Синодот.
-Никој никому не чепнува, не одзема. Секој треба да придонесе да се надмине тоа прашање. Во тој дух јас сум согласен да помогнам во разрешување на тоа прашање, вели владиката Петар прашан дали ќе дојде до прераспределба на постојните епархии и дали тој ќе отстапи дел од неговата епархија на владиците од ПОА кои треба да се интегрираат во МПЦ.
Во интервјуто за Телма владиката Петар говореше и за телевизијата, која ќе почне да емитува програма од 1 мај, но не даде одговор кој ќе ја финансира.
-Тоа да не го интересира никого, ниту мене ме интересира кој вас ве финасира, вели порачувајќи повторно дека никого не треба да го интересира дали „Преобразба“ има доволно пари да ја финансира телевизијата.
Во однос на шпекулациите дека преку неговата телевизија ќе се шири проруска пропаганда, митрополитот Петар, негираше дека тој зазема страна во конфликтот и осудува се што не е добро од која и да било страна.
Митрополитот во интервјуто за Телма не се произнесе за руската инвазија на Украина. -Јас не знам за никаква руска агресија. Знам дека тоа е војна меѓу големите сили. Зошто и како, тоа си знаат тие, рече митрополитот.