Синот на „Ел Чапо“ се изјасни за виновен во САД – ќе добие помала казна од неговиот татко

Еден од синовите на мексиканскиот наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, коосновач на картелот Синалоа, Овидио Гузман Лопез, се изјасни за виновен пред американскиот суд како дел од договорот што му обезбедува полесна затворска казна.

Познат како „Ел Ратон“ (Глувчето), 35-годишниот Овидио е единствениот од четирите сина на водачот на картелот кој постигнал договор за признавање на вина со американската правда и се изјаснил за виновен. Неговиот татко, Ел Чапо, отслужува доживотна казна затвор во САД, изречена во 2019 година, објави theguardian.com .

Американскиот обвинител Џеј Клејтон изјави во петокот во судот на Менхетен дека ова е „важен чекор во повикувањето на одговорност на картелот Синалоа и неговите водачи за нивната улога во епидемијата на фентанил, дрога што одзеде многу животи во САД“.

Судот во Њујорк на 1 јули ги отфрли обвиненијата за трговија со дрога против Овидио Гузман како дел од спогодбата за признавање на вина, избегнувајќи судење и обезбедувајќи поблага казна, велат аналитичарите, од онаа на неговиот татко. Датумот на изрекување на пресудата сè уште не е закажан.

Како дел од договорот, Овидио Гузман се изјасни за виновен за заговор за трговија со дрога и учество во криминална организација, соопштија американските обвинители. Тој, исто така, призна дека тој и неговите тројца браќа ја презеле улогата на нивниот татко во рамките на картелот.

Овидио беше уапсен во јануари 2023 година за време на операција во Кулијакан, во северозападно Мексико, каде што загинаа најмалку 29 лица.

Девет месеци подоцна, тој беше екстрадиран во Соединетите Држави.