Денот на белиот стап е потсетник дека разликите не не делат туку не зближуваат и прават побогати. Да создадеме и живееме во општество каде секој чекор, глас и допир се чувствува, оти има значење. Нема хендикепирани луѓе, има хендикепирано општество. Крајно време е од оваа држава да направиме пристојно место за сечиј живот, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на отворањето на настанот по повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, организиран од Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ – Скопје.
Белиот стап, нагласи Сиљановска-Давкова, ја симболизира слободата и овозможува независност, но и обврска дека 4 илјади наши сограѓани заслужуваат наши конкретни чекори.
„Затоа денешниот ден не е само одбележување, тој не потсетува дека вистинското слепило не е во очите, туку во нечувствителноста на срцето. Тој е повик до сите да ги отвориме очите и го видиме светот со емпатија. Да не заборавиме белиот стап симболизира достоинствен животен пат, но и обврска да создадеме градови што се пристапни и хумани“, порача Сиљановска Давкова.
Посакувам, порача Сиљановска-Давкова, сите да подаваме раце кога е потребно, да бидеме глас на оние што не се слушаат доволно, да бидеме светлина и да дадеме почит на сите оние кои со оштетен вид секојдневно ни покажуваат дека животот не се мери со она што го гледаме, туку со она што го чувствуваме.