Сиљановска Давкова во Ватикан доби поддршка од папата за евроинтеграцијата

Поддршката на Ватикан за процесот на евроинтеграција на земјава, но и на целиот Западен Балкан, како и актуелните случувања во светот биле дел од темите на денешниот разговор на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Ватикан со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Рим, Сиљановска Давкова денеска со аудиенцијата кај папата официјално ја почна неколкудневната посета на Рим и Ватикан, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свeти Кирил“, а во седиштето на Светата столица се сретна и со државниот секретар на Ватикан, монсињор Пјетро Паролин.

Таа денеска во Ватикан не се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев, чија средба беше можна, но неизвесна до последен момент. Радев денеска исто така беше на аудиенција кај папата и тој денеска ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители, додека Сиљановска Давкова тоа ќе го стори утре.

Претседателката во изјава за медиумите по средбите во Ватикан рече дека со Радев не се сретнале поради неможноста да се усогласат агендите на двајцата шефови на држави. Подготвеност за средба постоела и од двете страни, посочи таа, но ја оставиле за некоја наредна прилика.

„Изразивме подготвеност, но до средба нема да дојде. И двете делегации имаме агнеда меѓутоа рековме дека час поскоро, во првиот можен момент, ќе ја реализираме“, изјави Сиљановска-Давкова.

Неофицијално, бугарската страна побарала средбата да се одржи во бугарската Амбасада, но за нашата делегација тоа не било прифатливо.

На средбата со папата, како што изјави за медиумите Сиљановска-Давкова, истакна дека се усогласиле најпрво околу актуелните проблеми и околу поддршката на Ватикан на патот кон Европската унија.

„Триесет години потоа во соработката рековме дека успесите се очигледни. Потврдивме дека во посетата во 2019 година беше неверојатно инспиративна не само кон малото стадо, на кое папата му порача да не се плаши, туку за сите религии, дека сме пример за религиозен дијалог, дека Ватикан верува во нашата сила“, рече Сиљановска Давкова.

На средбата, како што истакна, изразила разбирање за склучување на конкордат со Ватикан, бидејќи системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата врзани особено за статусот на Католичката црква и христијаните од католичката вероисовест кај нас. Таа посочи оти овие прашања таа самостојно не може да ги реши бидејќи не е надлежна, но дека во соработка со Владата може многу лесно да се надминат.

„Изразив желба да се отвори нунцијат кај нас бидејќи така ќе може навистина соработката да биде директна. Да веќе имаме сорабока во многу области во сферата на образованието, библиотекарството, конзервирањето и изразена е поддршка таа да продолжи. Има некои проблеми врзани за национализацијата на земјиштето или за отворање на црква во Чаир, всушност таму има локација, но заради промената на урбанистичкиот план не може да се реализира“, рече претседателката.

Таа и папата говореле и за заедничкото учество на конференцијата за Украина во Швајцарија.

„Заедно ќе учествуваат на конференцијата во Швајцарија за Украина, тие како набљудувач се разбира дека рано е да зборувам за решенијата, но решението е се разбира поддршка на Украина и потрага по мировни решенија“, нагласи Сиљановска Давкова.

На средбата беа традиционално разменети подароци, при што, претседателката Сиљановска Давкова на Папата Франциск му подарила голема резбa со мотив од птицата феникс којшто претставува симбол на вечноста и која, како што изјави шефицата на државата, е асоцијација дека „како феникс сме се кревале секогаш и сме наоѓале сила за соработка“.

Сиљановска- Давкова на поглаварот на Римокатоличката црква му врачила и икона, подарок од архиепископот на Македонската православна црква -ОА, г.г. Стефан.

Ова е прва официјална посета во странство на претседателката Сиљановска Давкова, откако победи на претседателските избори на 8 мај, а таа утре во Рим ќе оствари средба и со нејзиниот италијански колега, Серџо Матарела.

Претседателката Давкова, според агендата утре на 24 Мај ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители со посета на базиликата „Свети Климент“ каде се наоѓа гробот на Св. Кирил. Молебенот ќе го водат митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј и митрополитот Европски, Пимен.

По молебенот, претседателката и делегацијата во базиликата „Санта Марија Маџоре“ ќе положат венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.