Кина почна воена вежба околу Тајван: Казна за сепаратистичките потези

Кина денес започна „казнени“ воени вежби околу Тајван, или како што го нарече одговор на „сепаратистичките акции“, испраќајќи силно вооружени воени авиони и организирајќи лажни напади додека државните медиуми го осудуваат новоизбраниот претседател на Тајван Лаи Чинг-те.

Воените вежби, во Тајванскиот теснец и околу група острови контролирани од Тајван во близина на кинескиот брег, дојдоа само три дена откако Лаи, кого Пекинг го опишува како „сепаратист“, стапи на должност.

Кина, која тврди дека демократскиот Тајван е нејзина територија, го осуди инаугуративниот говор на Лаи во понеделникот, во кој тој ја повика Кина да престане да се заканува и рече дека двете страни на теснецот не се „подредени една на друга“.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во вторникот го нарече Лаи „срамен“.

Лаи постојано нудеше преговара со Кина, но беше одбиен. Тој верува дека само народот на Тајван може да одлучи за својата иднина и ги отфрла тврдењата на Пекинг за суверенитет.

Кинеската војска соопшти дека почнала заеднички воени вежби на армијата, морнарицата, воздушните сили и ракетните сили во областа околу Тајван во 7:45 часот.

Вежбите се изведуваат во тајванскиот теснец, северно, јужно и источно од Тајван, како и во областите околу островите Кинмен, Мацу, Вукиу и Донгин, кои се под контрола на Тајван, се вели во соопштението на војската.

Кинеските медиуми јавија дека Кина испратила десетици борбени авиони со воени проектили и извршила лажни напади врз воени цели со висока вредност заедно со воени бродови.

Вежбите наречени „Заеднички меч – 2024А“ се очекува да траат два дена. Но, за разлика од сличната вежба „Заеднички меч“ одржана во април минатата година, оваа во своето име ја има буквата „А“ што укажува на можни продолженија.

За разлика од претходните вежби кои беа однапред најавувани и симулираа економска блокада на островот, Кина денеска првпат симулира напади врз Тајван.

Тајванското Министерство за одбрана ги осуди вежбите, велејќи дека распоредило сили во областите околу островот, дека нејзината воздушна одбрана и ракетните сили на копно следат цели и дека е сигурно дека може да ја заштити нејзината територија.

„Започнувањето воени вежби во оваа прилика не само што не придонесува за мирот и стабилноста на Тајванскиот теснец, (туку) го нагласува (кинескиот) милитаристички менталитет“, соопшти Министерството.

Кабинетот на тајванскиот претседател изрази жалење што Кина ги загрозува демократските слободи на островот и регионалниот мир и стабилност со своите „еднострани воени провокации“, но рече дека народот може да биде уверен дека Тајван ќе се грижи за нивната безбедност.