Сиљановска-Давкова во ОН: Не сакаме спорови со соседите, сакаме интеграција во ЕУ без дополнителни услови

– Интеграцијата во Европската Унија (ЕУ) останува најголем стратегиски приоритет на земјата, рече претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека овој процес не треба да биде условен од дополнителни барања.

Сиљановска-Давкова за време на својот говор на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк рече дека геополитичката раседна линија минува и низ регионот на Западен Балкан, „процесот на македонското пристапување кон ЕУ веќе 20 години континуирано е попречуван. Но не врз основа на објективните Копенхашки критериуми, туку поради субјективни националистички причини“.

Сиљановска-Давкова потсети дека најновиот услов на ЕУ за почеток на преговорите на земјата е нова „наметната промена на Уставот“.

„Постојано сме предупредувани дека договорите мора да се почитуваат, но напоменувам дека во договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија нема одредби за уставни измени“, рече претседателката.

Таа истакна дека со конститутивните акти ЕУ себеси се дефинира како единство на различности и се обврзува да ги почитува културната и јазичната различност, националноста и културниот идентитет, дигнитетот и интегритетот.

„Како е можно тогаш од нас да се бара со сосед да разговараме и преговараме за нашата историја, култура и јазик. По којзнае којпат потенцираме дека себеси се перципираме како Европејци и длабоко веруваме во европскиот проект. Европскиот идеал останува наша најголема инспирација и стратегиска аспирација“, порача Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека како држава посветена на добрососедството и регионалната соработка, земјата не сака спорови со соседите.

„Она што го посакуваме е да се интегрираме во Унијата, но без дополнителни, посебни услови и со зачувано национално достоинство“, рече таа.

Посочи дека блокираната интеграција на Западниот Балкан не е само политичко туку и безбедносно прашање: „Со затворената политичка врата за земјите од Западен Балкан и широко отворената врата за влијание на трети геополитички центри на моќ иронично е Унијата да повикува на отпорност кон нив.“

Таа рече дека ако ЕУ сака да биде геополитичка унија, таа не смее да го остави Западен Балкан во геополитички вакуум.

„Како што укажа претседателката на Унијата, ЕУ мора час поскоро да го скрши оклопот на консензусот, ако сака да ја заврши реунификацијата на Европа и повторно да стане силен геополитички фактор“, рече претседателката.

– ОН и нивните агенции добија 12 нобелови награди за мир

Во своето обраќање Сиљановска-Давкова рече дека како темел на меѓународното право и мултилатерализмот, ОН спречиле нова светска војна, превенираа многубројни конфликти, ги ублажија последиците од многу хуманитарни кризи.

„Но денес ОН се соочуваат со геополитички и геоекономски земјотрес, што ги тресе самите темели на поредокот изграден по Втората светска војна. Наместо еден меѓународен поредок, како да никнуваат паралелни поредоци, секој со свои правила, вредности, интереси, кои често се насочени едни против други“, рече Сиљановска-Давкова.

Посочи дека наместо да се создаде свет за споделена иднина, човештвото се соочува со војни и со губење на хуманоста.

„Со сѐ почестото игнорирање на меѓународното хуманитарно право гладот станува оружје, а хуманитарните работници цел“, рече таа, додавајќи дека потресите на меѓународниот поредок отворија длабоки политички раседи, а меѓу нив еден од најактивните е во Украина.

„Руската агресија е флагрантно кршење на Повелбата на ОН и директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста“, рече таа.

Претседателката на Северна Македонија изрази и силна загриженост за нарушувањето на воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија, земји членки на НАТО.

– Одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне преку дијалог и дипломатија

Во своето обраќање претседателката Сиљановска-Давкова се осврна и на конфликтот на Блискиот Исток изразувајќи убеденост дека „одржливиот мир на Блискиот Исток мора да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија во согласност со меѓународното право“.

Таа порача дека неприкосновеноста на човечкиот живот и достоинство мора да се почитуваат дури и за време на војна во согласност со меѓународното хуманитарно право.

„Во тој дух ја реафирмираме нашата поддршка на меѓународните напори насочени кон деескалација и инклузивен дијалог и директни преговори“, заклучи Сиљановска-Давкова.