Сиљановска Давкова ги откажа закажаните консултации за помилувањата

Кабинетот на претседателката Горанда Силјановска Давкова ја откажа средбата што ја свика со членови од минатите состави на комисијата за помилување, претходниот состав кој поднесе оставка и експерти од правната област. Запрашана за ваквата постапка, од вила „Водно“ денеска молк. Не се знае дали е закажана нова средба, но како што рече Давкова, ќе има консултации за новиот состав.

Целта на средбата е да се разговара за сите правни и институционални недостатоци за да не се случуваат слични скандали во иднина, каде што беа помилувани челници на нарко кланови. Пред Вила Водно засега ситуацијата е мирна и нема раздвижување, додека потврда за најавената средба нема.

Новиот состав на Комисијата за помилување, која работи под надлежности на претседателот, не само што треба да има нови членови, туку ќе треба да предложи законски решенија за пропустите што може да се злоупотребат при предлогот за помилување на осудените на затворска казна. Причините за оставката на комисијата, како што соопштија, биле во согласност со нивните лични и професионални принципи, а не дека признаваат дека направиле грешка, како што изјави премиерот Христијан Мицкоски. Комисијата поднесе оставка неколку дена откако јавноста се спротивстави на помилувањата што ги одобри Силјановска на нивниот предлог за криминални профили како Владимир Талевски, Шенол Маслани и Аќиф Равмановски. Силјановска рече дека помилувањето е направено врз основа на кривичното дело за кое издржувале затворска казна, а не на нивниот претходен и сегашен профил.