Си Џинпинг го предупреди Путин да не употребува нуклеарно оружје!? Кремљ негира, додека цел свет гледа во Запорожје
Кинескиот претседател Си Џинпинг лично го предупредил рускиот претседател Владимир Путин да не користи нуклеарно оружје во Украина, пишува денеска „Фајненшл тајмс“ , повикувајќи се на западни и кинески претставници.
Се наведува дека укажува на тоа дека Пекинг е загрижен за војната на Русија во соседната земја, иако Кина и’ дава премолчена поддршка на Москва.
ФТ пишува дека Си му ја испратил пораката на Путин за време на средбата лице в лице за време на посетата на кинескиот претседател на Москва во март, што беше еден од првите престои на Си во странство по неколку години поминати во изолација поради мерките за спречување на ширењето на COVID-19.
Скај њуз објави дека Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, објавил на Телеграм скриншот од написот на ФТ за пораката на Си до Путин и изјавил дека тоа е „важен став (на Кина) за нуклеарната закана што доаѓа од лудиот руски терорист“.
Британската телевизија наведува дека cè се случува во време кога расте стравот за безбедноста на нуклеарната централа Запорожје, поради која Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат дека другата страна подготвува напад на централата.
Скај њуз претходно објави дека Украинците панично бегаат од областа околу нуклеарната централа Запорожје и дека редиците на граничниот премин со Молдавија се протегаат на околу 3,2 километри.
Во меѓувреме, Кремљ објави дека „се преземени сите мерки“ за да се спречи обид за саботажа или напад на украинските сили врз нуклеарната централа Запорожје.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, ги отфрли наводите на ФТ за предупредувањето на кинескиот претседател до неговиот руски колега и ги нарече „фикција“.