Скај спорт: Меси пред преселба во Саудиска Арабија

Аргентинецот Лионел Меси би можел да ја продолжи кариерата во саудиското фудбалско првенство како позајмен играч од Интер Мајами, објавија денеска повеќе светски медиуми.

Шпанскиот весник „Марка“, повикувајќи се на новинарот на британската телевизија „Скај Спорт“, Руди Галети, пренесува дека не е исклучен договор за шестмесечна позајмица на Меси.

Во кој саудиски клуб и за колку пари, евентуално, Меси би се преселил од американскиот клуб, засега, нема информации.

„Интерните проценки се во тек, наскоро се очекува веста“, тврди британскиот новинар.

Според истиот извор, намерата на Саудијците е да го возобноват ривалството на фудбалскиот терен меѓу Меси и Кристијано Роналдо од времето кога двајцата фудбалери настапуваа во шпанската Ла Лига.