,,Склучувале фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот што не бил во сопственост на компанијата” – Семејството Крмзови ја оштетиле државата за 94 милиони евра

94 милиони евра е штетата предизвикана од 15 компании поврзани со семејството Крмзови од Струмица. Во истрагата се вклучени и 23 физички лица, меѓу кои 4 сметководители и 8 инспектори од Управата за јавни приходи.

„Тие склучувале фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот што не бил во сопственост на компанијата што го продавала. Истите простории ги препродавале неколку пати меѓу себе по огромни цени. Еден квадратен метар се движел од 4.000 до 20.000 евра. Се товарат и за лажна испорака и уништување на градежна механизација“, вели Верица Бержечка Крстева.

Потоа компанијата што го купила недвижниот имот преку Управата за јавни приходи побарала поврат на ДДВ од државата и со тоа биле собрани 30 милиони евра.

„Со добиениот надомест, тие покажаа сигурност, земаа кредити, исплаќаа плати, градеа згради. Тешко е да се фати методот на работа и поврзаноста, бидејќи користеа лажна документација“, вели Верица Бержечка Крстева.

„Копа, копа, и нема крај.“ Ова го изјави јавниот државен обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференција со новинарите, нагласувајќи дека ова е еден од најобемните случаи.

„Фокусирани сме на случаи каде што е предизвикана најголема штета. Истрагата го опфаќа периодот од 2019 до 2024 година, а обвинителството најавува дека може да се прошири“, вели Верица Бержечка Крстева.

Сè што им припаѓа на компаниите на неформалниот текстилен крал е замрзнато и засега не е познато дали ќе биде доволно за покривање на штетата.