Скопскиот аеродром доби награда за квалитет на аеродромски услуги за 2022 година

Меѓународниот аеродром Скопје повторно ја доби наградата за квалитет на аеродромски услуги (Airport service quality award), овој пат за изминатата 2022 година, од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (Airports council international world), информираат од ТАВ Македонија. 

Реномираната организација со седиште во Монтреал, Канада, денеска ги објави аеродромите добитници од сите континенти, региони и држави на светско ниво. Според категоризацијата на АЦИ, Меѓународниот аеродром Скопје е награден со наградата за 2022 година во категориите: најдобар аеродром од два до пет милиони патници во Европа, аеродром со најпосветен персонал во Европа, најлесно аеродромско патување во Европа, најпријатен аеродром во Европа и најчист аеродром во Европа, се наведува во соопштението.

-Програмата за квалитет на аеродромските услуги ни донесе неколку клучни одредници за евалуација на услугите што им ги нудиме на нашите патници додека се на аеродромот. Од 2012 година, низ годините, ние постојано ги користиме тие одредници за да го подобриме квалитетот на нашите услуги. Врз основа на предлозите и коментарите на патниците дадени во анкетата за квалитет на аеродромските услуги, воведовме бесплатен безжичен интернет на аеродромот, поставивме станици за полнење мобилни уреди, отворивме просторија за пушење во воздухопловната, односно безбедносно ограничената зона.  Минатата година ги реновиравме тоалетите на аеродромот и отворивме нова, преуредена бесцаринска продавница, со проширен асортиман на производи и брендови. Пред неколку дена го отворивме и новиот, реновиран ресторан, „Кејкс енд бејкс“ (Cakes & Bakes).  Внимателно ги следиме показателите за квалитет на аеродромските услуги и знаеме дека треба да се направат уште многу работи со цел да се подобри целокупното искуство на патниците. На патот кон оваа цел, секогаш сме во тесна соработка со нашите сестрински компании: „БТА“ (BTA) – храна и пијалаци; „АТУ“ (ATU) – бесцарински продавници; „ТАВ технолоџис“ (TAV Technologies) – ИТ услуги; „ТАВ МОС“ (TAV MOS) – комерцијални услуги и „Еуроклин“ (Euroclean) – услуги за одржување хигиена. Ќе продолжиме да ги слушаме нашите патници и да креираме додадена вредност во нивните приказни за патувањата од Меѓународниот аеродром Скопје, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Како што се додава во соопштението, програмата „АСК“ (ASQ) е светска водечка програма за мерење на искуството на патниците на аеродромите и за креирање одредници. Споредено со други програми во воздухопловната индустрија, оваа програма се заснова врз истражување во живо преку анкети собрани на аеродромот, директно од патниците кои го оценуваат нивното задоволство на денот на патувањето.

-Прашалникот опфаќа над 30 индикатори за ефикасност низ клучните елементи од искуството на патниците на аеродромот, како што се леснотијата на снаоѓање низ аеродромот, регистрацијата на патници, понудите за купување и јадење и така натаму. Ова ја дава најкомплетната слика за патничкото искуство на секој аеродром и обезбедува глобални одредници за индустријата. Според квотата на АСК – програмата, минатата година на Меѓународниот аеродром Скопје вкупно 1.403 патници беа анкетирани или теренските агенти кои го спроведуваат АСК -истражувањето интервјуирале по 350 патници секој квартал, пишува во соопштението.

Се истакнува дека ТАВ Македонија го заврши јануари годинава со 165.340 патници на двата македонски аеродрома – Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, што претставува пораст од 35 отсто споредено со истиот месец лани.

-Во исто време, бројот на летови на двата аеродрома во јануари пораснал за 30% на годишно ниво и изнесува 1.395 лета, се нагласува во соопштението.