Скопјани прекумерно трошат вода, апел да не се полнат базените и да не се полеваат градините

Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопјe денес објави дека е забележано енормно зголемување на потрошувачката на вода, особено во попладневните часови. Според податоците од системот за следење и мерење на дневната потрошувачка, на 23 јуни се потрошени 356.000 кубни метри вода, што значи дека просечната потрошувачка била околу 700 литри по глава на жител.

Компанијата апелира до граѓаните на градот Скопје одговорно и рационално да ја користат водата. Особено, да избегнуваат непотребно трошење вода за наводнување на зеленило, градини и ниви, за миење автомобили и за полнење на базени.

JП Водовод и канализација – Скопје ги повикува граѓаните кои ќе забележат нелегални приклучоци на мрежата да ги пријават на телефонскиот број 02 3073 010, на е-поштата [email protected], или преку веб-страницата www.vodovod-skopje.com.mk. Тие предупредуваат дека нелегалните приклучоци предизвикуваат директна штета на водоснабдителниот систем и квалитетот на водоснабдувањето за сите корисници во градот Скопје.