Откако беше прогласена за европска културна престолнина во 2028 година македонската метропола доби уште едно признание, овој пат спортско. Скопје ќе биде домаќин на осумнаесеттите летни Европски младински олимписки игри кои ќе се одржат од 20 до 26 јули 2025 година. Одлуката едногласно ја донесе Генералното Собрание на европските олимписки комитети, во кое членуваат 50 држави.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски заедно со претседателот и генералниот секретар на Европскиот олимписки комитет Спирос Капралос и Рафаеле Пињоци на 52 Генерално собрание во Истанбул го потпишаа договорот за организација на европските летни младински олимписки игри.
Над 4 000 спортисти
На Европските летни младински олимписки игри во Скопје се очекува да учествуваат повеќе од 4 00 спортисти од 14 до 18 години. Тие ќе се натпреваруваат во 14 олимписки спортови.
Според градоначалничката Арсовска организацијата на настанот е одлична можност со поддршка на ЕУ да се инвестира во подобрување на капацитетите и инфраструктурата со што ќе се подобрат условите за спортување на младите генерации успешни спортисти.
“Особена чест ни претставува тоа што ќе бидеме домаќини на ваков реномиран меѓународен спортски настан. Посветено работиме да потврдиме дека Скопје секогаш е добар домаќин и одличен организатор. А овој реномиран спортски меѓународен настан е уште една можност за афирмација и промоција на нашиот град како спортска и културна дестинација”, изјави Арсовска.
Знамето на ЕОК преземено од Марибор
Годинава европските младински олимписки игри се одржаа во Марибор. Овој словенечки град беше домаќин на младите олимпијци од 23 до 29 јули.
На собирот во Словенија се натпреваруваа повеќе од 2.400 спортисти во 11 спортски дисциплини.
Од Марибор, Град Скопје и македонскиот олимписки комитет го преземаа знамето на Европскиот олимписки комитет како симболичен гест при преземање на организацијата на следните Европски младински олимписки игри.
32 годишна традиција
Европските летни младински олимписки игри или Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF) како што исто така се нарекува имаат 32 годишна традиција. Првите вакви игри се одржале од 12 до 21 1991 година во Брисел.
Предвидени се не само како спортски настан туку и како платформа за образование мир и пријателство.
Северна Македонија ќе биде 25 земја во која се одржала летната младинска европска олимпијада. Шеснаесет држави биле домаќини на зимските европски младински олимписки игри.