Скопје: Лансирана нова платформа „Западен Балкан КВАД – 100% усогласеност со надворешната политика на ЕУ“
„По агресијата на Руската Федерација врз Украина, усогласувањето со ЗНБП, но уште пошироко со позициите и вредностите на демократскиот свет, се претвори во еден од најважните приоритети на земјите аспиранти за членство во ЕУ…“
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во Скопје заедно со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Ољта Џачка, заменик-министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети, и советникот за надворешна политика на премиерот на Црна Гора, Ѓорѓе Радуловиќ, лансираше нова платформа наречена „Западен Балкан КВАД – 100% усогласеност со надворешната политика на ЕУ”.
Според соопштението на МНР, во фокус на средбата била целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ на четирите земји од групата КВАД во светло на новата геополитичка реалност, хибридните закани, енергетската криза и економските последици предизвикани од руската инвазија на Украина.
„По агресијата на Руската Федерација врз Украина, усогласувањето со ЗНБП, но уште пошироко со позициите и вредностите на демократскиот свет, се претвори во еден од најважните приоритети на земјите аспиранти за членство во ЕУ, но и како јасна порака каде овие земји припаѓаат“, нагласи Османи на средбата, изразувајќи задоволство од воспоставувањето на неформалниот форум, наречен QUAD/КВАД.
Според него, секоја од овие земји поединечно, се покажала како доверлив партнер на НАТО и ЕУ, со усогласување со режимот на санкции на ЕУ и САД, но и преку конкретна хуманитарна и друга техничка помош за Украина.
Османи ги извести соговорниците за претстојните реформи, истакнувајќи дека нема отстапување од европскиот пат за Северна Македонија, земја позната по својата мултиетничка демократија и кохезија, за што признание претставува и одлуката да биде домаќин на неодамна одржаните разговори меѓу Косово и Србија во Охрид.
„Беше истакнато дека заедничка стратешка цел на сите земји кои успеале да достигнат потполна хармонизација со одлуките на ЕУ е целосна интеграција во Унијата. Во тој контекст и поврзано со актуелните регионални и меѓународни случувања, процесот на имплементација и спроведување на политиките, регулативата и стандардите на ЕУ претставува највисок државен интерес“, се додава во соопштението.