„Скриените“ масти го забрзуваат стареењето на срцето, мажите со ваков облик на тело се најмногу изложени на ризик
Слабите луѓе може да бидат изложени на ризик од срцев удар поради „скриените“ масти кои го забрзуваат стареењето на срцето, покажа едно истражување.
Висцералните масти се акумулираат длабоко во телото, околу црниот дроб, желудникот и цревата. Иако слабите луѓе на прв поглед може да изгледаат здрави, тие сепак можат да имаат штетни количини на овие масти.
Истражувачите анализирале податоци од повеќе од 21.000 луѓе и откриле дека оние со повисоки нивоа на висцерална маст покажале знаци на побрзо стареење на срцето и крвните садови. Крвните тестови покажале дека овој вид маснотии предизвикува и воспаление низ целото тело. Овој процес е поврзан и со предвремено стареење и болести.
Резултатите од студијата објавена во European Heart Journal, исто така, укажуваат дека обликот на телото може да биде поважен од самата тежина кога станува збор за здравјето на срцето.
Мажите со тело во облик на јаболко кои имале висцерални масти околу стомакот имале зголемен ризик од забрзано стареење на срцето. Од друга страна, жените со тело во облик на круша кои се генетски предиспонирани да акумулираат масти околу колковите и бутовите имаат поздраво срце.