Славески: Бојкотот на маркетите е само фолклор, граѓаните да не бараат поголеми плати за да не се подгрева инфлацијата
Професорот Трајко Славески вечерва во „Отворено“ на ТВ 24 рече дека најавениот бојкот на маркетите во петок нема да го даде посакуваниот ефект. Според него, решението за ваквите проблеми треба да го најде пазарот, бидејќи тој е единствениот кој може да ги креира цените на производите.
„Ова е само фолклор и нема да има никаков ефект, она што нема да го купите во петок ќе го купите за време на викенд затоа што не можете да се лишите од потребите, така да најдобро е како што сите сме правеле, да се истражува по маркетите и да се добиваат пониски цени за вашите производи“, рече Славески.
Тој објасни и дека најголем успех за задржување на стабилноста на цените би имало кога би се намалиле инфлациските очекувања и барањата за раст на платите бидејќи, како што објасни, на таков начин се подгрева инфлацијата.
„Ако очекуваме и мислиме дека цените ќе се зголемат наредните месеци, тоа ќе влијае и на фирмите и на потрошувачите и тоа само ќе ја зголеми инфлацијата. Покрај тоа, инфлацијата дополнително се подгрева ако постојано се зборува за зголемување на платите“, додаде Славески.