Славески: Воведувањето на царини од страна на Трамп можно е да немаат никаква врска со економијата

Професорот Трајко Славески во Отворено рече дека иако царините кои сака да ги воведе Трамп служат како заштитна мерка на младите индустрии, сепак нивното воведување е некакво орудие преку кое се бара остварување на други цели. Според него, тоа се закани кои може и да немаат никаква врска со екномијата.

„Економските аналитичари се обидуваат да ја објаснат функцијата на царините. Тие може да се користат и како закана кон земјите на пример кон Кина, Трамп побара од нив да му продадат 50% од Тик Ток или за Мексико, бара да ја штитат границата со цел да не влегуваат мигранти“, изјави Славески и додаде дека и со самите најави за воведување на некакви царини се создаваат некакви глобални немири.

Тој појасни и дека со воведувањето на царини на некој начин ќе настрада и американската економија.

„Трамп е на некој начин загрижен и како аргумент за воведувањето на царини го користи високиот трговски дефицит и тоа е факт, осебно со земји како Кина, Мексико, Канада, Европа кои со воведување на царина ќе имаат несакани последици. Така ќе дојде и до јакнење на доларот а намалување на увозот. Поскапиот долар ги покапува и американските производи а се намалува и извозот“, изјави Славески.

Според него, воведувањето на царини за земјите членки на ЕУ би значело активирање на некакви механизми за одбрана со цел прилагодување на новите технологии.