Следува нова инвазија! Нетанјаху испрати израелска војска во јужниот дел на Газа: Рафа е следна мета
Само неколку часа по разговорите меѓу Ентони Блинкен и Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, Израел изврши напад на Рафа, град во Газа кој се наоѓа во близина на границата со Египет и полн со палестински бегалци од опустошените делови на палестинската територија.
Одлуката на Израел да нападне град кој се смета за последно преостанато засолниште за палестинските цивили во Газа, и покрај јавното американско противење, ќе ги затегне односите меѓу Вашингтон и екстремно десничарската израелска влада предводена од конзервативниот премиер Нетанјаху.
Ројтерс вчера објави дека речиси половина од населението на Газа е во Рафа. Станува збор за 1,5 милиони жители, напиша Би-Би-Си, а тие преживуваат од хуманитарна помош по неколкумесечна брутална војна.
САД не ја поддржуваат големата офанзива на Израел во Рафа
Белата куќа претходно соопшти дека нема да поддржи никакви израелски планови за голема воена операција на крајниот југ на Појасот Газа, во градот Рафа, додека државниот секретар Блинкен отворено изјави дека САД се загрижени за таквите операции.
Вчера израелските сили ги бомбардираа областите околу Рафа, каде што голем број Палестинци се преселија за да избегаат од израелската офанзива.
– Секоја голема воена операција во Рафа во овој момент, под овие услови, каде што има повеќе од милион, веројатно милион и пол Палестинци, кои бараат засолниште, без сомнение, би била катастрофа, а ние не ја поддржуваме, изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби, пренесе Ројтерс.