Сложената постапка за упатување на проверка и немањето термини за дијагностика – главни причини што на онкологија имаат потреба за лекување 450 новорегистрирани пациенти. Матичните лекари велат дека губат време во процедури, оние кои имаат можност, чаре бараат во приватните болници. Поголем дел ќе стигнат на ред за дијагностика и лекување кога болеста ќе биде во поодмината фаза…
„Нема термини, еве до јули се пополнети“, вели д-р Драган Ѓорѓиевски
И доколу пациентот е ургентен и треба да појде на специјалистички преглед на некој од гастро одделите, тоа ќе може да го стори откако ќе поминат одморите или приватно да си плати преглед. Пациентот ако нема пари ќе чека, но болеста нема да чека, таа ќе се шири, вели Драган Ѓорѓиевски, лекар по семејна медицина.
Не смее да се губи повеќе време, вели, лекарите по семејна медицина знаат кај треба да го упатат пациентот, а не тој да чека термин за специјалист, па термин за компјутерски снимања и да се изгубат пет до шест месеци. Бројката на пациенти со канцер од година на година расте.
Според него, ова е резултат на немање скрининг програми или нивно несоодветно спроведување.
Тој апелира надлежните да почнат со скрининг на карцином на бели дробови, сè поголем е бројот на пациенти со ова малигно заболување, за да се открие во рана фаза.