За негативното мислење за лекувањето на 17-годишниот Леонид во странство, Фондот за здравство ја обвинува Клиниката „Тоарилуц“. Според Фондот, не кажале јасно каков третман му е потребен на Леонид, па затоа првостепената комисија не дала согласност.
„Оваа клиника, тие експерти, специјалисти од оваа клиника треба конкретно да потенцираат што е конкретната медицинска интервенција. Ова е многу општо и не може да се заклучи каква интервенција бараат. Затоа, колеги, се вративме на клиниката да поставуваме прашања. Во врска со ова барање добивме одговор од клиниката „Тоарилуц“, кој повторно не е концизен, не е конкретен и повторно не нагласува каква интервенција треба да се направи. Во ваква ситуација кога недостасуваат суштински елементи, донекаде и комисијата на лекарите е ставена во лоша состојба“, изјави Магдалена Грашкоска Филипоска, ФЗОМ.
Родителите на Леонид имаат право на жалба против првостепеното решение на комисијата, објаснуваат од Фондот. Филипоска вели дека доколку имаат дополнителна медицинска документација имаат право да се обратат до второстепената комисија. Во меѓувреме, заменик министерот за здравство рече дека родителите на Леонид немаат добиено мислење од надлежна институција за испраќање на Леонид надвор од државата. Таа рече дека пред се треба да се исцрпат можностите што ги нуди здравствениот систем во земјава.
„Пациентот воопшто не прашал, родителите не побарале никакво мислење од надлежна институција за можноста или неможноста за рехабилитација или лекување на детето во нашите болници. Мислам дека прво треба да тргнеме по тој пат, потоа да ја видиме медицинската документација, клинички да го видиме пациентот, а потоа колегиумот на стручни лица и надлежните клиники ќе дадат мислење дали постои можност за лекување за продолжување на лекувањето или рехабилитација во нашата институции“, изјави Маја Манолева, заменик министер за здравство.