Смоква-медитеранско рајско овошје

Смоквата е едно од најрано одгледуваните овошја од човекот, а не само што е вкусна туку има и голем број здравствени придобивки. Таа често се нарекува медитеранско рајско овошје, бидејќи е едно од најздравите овошја воопшто. Богата е со голем број фитонутриенти, витамини и антиоксиданти. Смоквите му припаѓаат на семејството дудинки.

Во минатото смоквите често биле користени како домашен лек за најразлични дигестивни проблеми, како што е констипацијата (запек).

Сувите смокви се богати со диетални влакна и се природен лаксатив за спречување запек и други дигестивни проблеми. Сувите смокви се богат извор на железо. Една сува смоква може да обезбеди 2 отсто од дневната потреба за железо.

Имаат малку калории и се идеална ужина за сите што сакаат да ослабат. Спречуваат хипертензија и се идеално овошје за враќање на рамнотежата.

Спречуваат срцеви заболувања, благодарение на високото ниво на антиоксиданти, кои помагаат да се елиминираат слободните радикали што ги оштетуваат крвните садови, а помагаат и за намалување на нивото на триглицериди.

Богати се со калциум и помагаат за подобрување на густината и силата на коските. Смоквите имаат корисно дејство за здравјето на кожата, особено кај луѓето со алергиски дерматитис – сува кожа, екстремно чешање.