Снег во Дебарско, прекини во снабдувањето со струја

Снежни врнежи кои го зафатија со поголем интензитет попладнево дебарскиот регион, направија снежна покривка во градот над 20 сантиметри, а на повисоките населени места таа е двапати повисока.

Засега, според дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта нема прекин на сообраќајот на патиштата кои се под нејзина надлежност.

– Наши  екипи се постојано на терен во расчистување на снегот од коловозите на кој има  остатоци. Поради тоа, но и ниските температури се препорачува без поголема потреба да не се тргнува на пат, а доколку е неопходно возачите да бидат многу внимателни, додаваат од секцијата.

Снегот од улиците интензивно се чисти и во градот. – Фирмата која е тендерирана за оваа намена, е на терен и работи со максимален интензитет на чистење на снегот од патиштата и урбаните и руралните делови (во селата) на општината. На граѓаните им се препорачува да не излегуваат непотребно во градот со автомобили, бидејќи снежните врнежи предизвикаа и материјална штета, информираа од општина Дебар.

Од Општината информираат дека поради тежината на снегот има искршени гранки од кои се оштетени и возила, како и паднати бандери на кои се поврзани кабловски оператори. Во градот има чести прекини во снабдувањето со електрична енергија, како и во неколку села во Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.