Снежни топки: Брз рецепт за убави празнични колачиња со состојки кои веќе ги имате дома

Снежните топки се убави празнични колачиња кои се подготвуваат од состојки кои веќе ги имате дома – брашно, шеќер, путер и ореви. Ако не сте љубител на ореви, не грижете се. Можете исто така да направите топчиња од бадеми, лешници или дури и ф’стаци.

Тешко е да се процени од каде потекнуваат бидејќи денес се прават насекаде низ светот – во Русија се познати како чајни бисквити, во Мексико како свадбени грицки, во Грција ги нарекуваат Курамбиде.

Најдобро од се? Можете да ги подготвите многу брзо во вашиот дом – ќе ви треба околу половина час. Печени, чувајте ги во кутија во фрижидер три до четири дена , а смесата можете да ја замрзнете и да ја чувате во замрзнувач до три месеци.

Состојки за снежни топки:
225 гр ситно сечкани ореви
130 гр шеќер во прав
120 гр брашно
115 гр омекнат путер
50 гр бел шеќер
1 лажичка екстракт од ванила
прстофат сол
Подготовка на снежни топки:
Загрејте ја рерната на 180 степени Целзиусови.
Покријте го плехот со хартија за печење и оставете го на страна.
Во поголем сад измешајте ги брашното, ситно сечканите ореви, обичниот бел шеќер, прстофат сол и екстрактот од ванила. Додадете го омекнатиот путер и со раце притиснете го во брашното за да му дадете текстура на влажен песок.
Со раце формирајте топчиња со дијаметар од околу 2,5 сантиметри.
Ставете ги на плех и печете во загреана рерна 15 минути.
Додека печените топчиња се уште топли, но доволно ладни за да ги држат во раце, валкајте ги во шеќер во прав. Посипете ги со остатокот од прашокот кога целосно ќе се изладат. Добар апетит!