Снимка од жестока зимска бура во САД: Милиони луѓе не можеа да одат на работа, училиштата затворени… (фото/видео)
Жестока зимска бура денеска се спушти во североисточниот дел на Соединетите Американски Држави, која донесе снег што ги блокираше патувањата на милиони Американци, затвори училишта и беа откажани летови.
Повеќе од 30 милиони луѓе од Западна Вирџинија до Нова Англија се под снежна бура. Во Њујорк, најнаселениот американски град, дождот во раните утрински часови се претвори во снег. Се очекува во тој град да наврнат околу 18 сантиметри снег што ќе создаде опасни услови за сообраќај.
Другите делови од тој регион би можеле да бидат покриени со до 30 сантиметри снег пред бурата да се префрли на исток. Во Бостон се очекуваат 22 сантиметри снег, поради што градоначалникот прогласи вонредна состојба.
Училиштата во погодената област ги откажаа часовите во живо, вклучително и Њујорк, кој ги премести часовите за околу милион ученици преку Интернет.
Невремето донесе снег во Њујорк по двегодишната „снежна суша“ која заврши во јануари оваа година кога арктичкиот пробив донесе неколку сантиметри на Менхетен.
Денеска се очекува да падне повеќе снег, доволен за санкање, пренесува Ројтерс.
Над 900 летови беа откажани или одложени на аеродромот Ла Гвардија во Њујорк, на бостонскиот Логан Интернешнл и на Њуарк Либерти поради лошите временски услови.
Силни ветрови и поплави се очекуваат на брегот на Нова Англија, Њу Џерси и Лонг Ајленд.