Советникот на Нетанјаху ја избриша објавата во која наведе дека Израел го извршил нападот врз болницата во Газа
– Иако Израел се обиде да ги избегне обвинувањата за нападот врз болницата во Газа, во кој беа убиени стотици луѓе, советникот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за дигитални медиуми, Ханања Нафтали, ја избриша својата објава во која рече дека нападот бил извршен од страна на Израел, а внимание привлече недоследноста во неговите тврдења.
Најмалку 471 лице го загубија животот во израелскиот напад врз баптистичката болница Ал-Ахли во Газа. Тоа беше најсмртоносниот масакр од почетокот на израелските напади врз Газа што траат од 7 октомври.
Иако израелската администрација молчеше некое време, подоцна изнесе тврдење дека нападот бил резултат на проектил лансиран од Газа од страна на палестинското движење Исламски џихад.
Многу аналитичари, официјални претставници и експерти ги оспорија израелските тврдења што, исто така, беа демантирани од палестинските групи во Газа. Тврдењата на Израел се оспорени поради контрадикторноста помеѓу првичната и последователната реакција, а израелските сили претходно ги гаѓаа болниците, училиштата и другите цивилни објекти и населби во Газа.
Израел и претходно ги има обвинувано палестинските групи на отпорот за напади. Таков беше случајот со минатогодишното убиство на американската државјанка, новинарката Ширин Абу Акила, кога Тел Авив првично ги обвини палестинските вооружени групи, а месеци подоцна мораше да признае дека новинарката била застрелана од страна на израелската армија. Сето ова ја доведува во прашање веродостојноста на изјавите на израелската администрација.
Ханања Нафтали, еден од советниците за дигитални медиуми на израелскиот премиер Нетанјаху, се огласи на социјалната мрежа Х веднаш по нападот врз болницата.
„Израелското воено воздухопловство ја погоди терористичката база на Хамас во болницата во Газа“, наведе тој во пораката, а потоа ја избриша.
Неколку часа подоцна Нафтали тврдеше дека споделил вест на Ројтерс во која лажно се тврдело дека Израел ја погодил базата на Хамас во болницата, но не се осврна на тој медиум во својата прва објава. Во исто време, во тој период Ројтерс немаше вест дека е „бомбардирана база на Хамас во болница.“
Нафтали служеше во израелската армија и учествуваше во претходните операции против Хамас, а од 2018 година работи како заменик-советник за социјални медиуми на израелскиот премиер Нетанјаху.