Политико: Блинкен се обратил со писмо до персоналот во Стејт департментот со муслиманска вероисповест

– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен испратил писмо со поддршка до персоналот во Стејт департментот со арапско потекло во време кога многу вработени со муслиманска вероисповест изразувале незадоволство од пристапот на САД во однос на конфликтот меѓу Израел и Хамас, јави денеска Политико.

Соговорник за изданието истакнал дека писмото сепак не е одговор на незадоволството.

Администрацијата на Џо Бајден уште од самиот почеток на кризата изрази безрезервна поддршка за Израел.

Во текстот на писмото Блинкен подвлекол дека пристапот на администрацијата бил избалансиран. Според него, претседателот на САД од самиот почеток дал до знаење дека Вашингтон го поддржува правото на Израел за самоодбрана во рамките на законот, соодветно меѓународните хуманитарни стандарди, вклучувајќи заштита на граѓанско население.

-Знам дека за многумина од вас ова е сложено време не само на професионален план но и на личен. Некои од нашите колеги во регионот, посебно меѓу нашиот локален персонал, непосредно настрадаа од насилството, вклучително и поради загуба на роднини и пријатели, напишал Блинкен во писмото.

Понатаму, тој истакнал дека дури и во САД се забележува „бран на страв и фанатизам“ во однос на Американците со арапско потекло, муслиманите и Евреите.

Блинкен писмото го испратил откако се вратил од работната посета на блискоисточниот регион. Државниот секретар ја опишал неговата работна посета и го пофалил персоналот за оперативноста во решавање на задачите поврзани со логистика и други проблеми со патувањето.