– Како одговор на променливиот карактер на терористичките закани во Европа, Советот на Европа денеска усвои стратегија за борба против тероризмот за периодот 2023-2027 година, која нуди нови алатки и конкретни одговори на постојаните и новите предизвици со кои се соочуваат државните власти.
Стратегијата предвидува зајакнување на напорите за борба против тероризмот во Европа и пошироко, обрнувајќи внимание не само на терористичките акти, туку и на нивните основни причини и движечки сили во сегашната геополитичка средина. Целта е да се справи со растечката закана од насилен екстремизам во Европа, наглото зголемување на злоупотребата на новите технологии за испраќање пораки, врбување и обука, како и интеракцијата помеѓу терористичките акти и прекршувањето на правилата за вооружен конфликт (воени злосторства) забележани неодамна во контекст на агресијата на Руската Федерација врз Украина.
Новата стратегија се надоврзува на голем број напори во рамките на Стратегијата за борба против тероризмот 2018-2022 година. Стратегијата, исто така, го одразува разбирањето дека иако терористичките закани поврзани со ИД или Ал Каеда се намалени во последниве години, неопходно е да се најдат ефективни и сеопфатни средства за да се спречи нивното повторно оживување.
За справување со тие сложени прашања, стратегијата предвидува сеопфатен пристап на активности насочени кон зајакнување на капацитетите на националните власти преку развивање збир на правни стандарди, аналитички извештаи и алатки.
Стратегијата ја нагласува потребата од почитување на човековите права и владеењето на правото, како и да се посвети доволно внимание на жртвите на тероризмот. Исто така, ја нагласува потребата од меѓусекторска и прекугранична соработка за справување со различните аспекти на тероризмот, земајќи ги предвид ефектите што тие ги имаат врз различни области од нашиот секојдневен живот, вклучувајќи го протокот на информации, слободата на движење и безбедноста.
Новата стратегија ќе ја спроведува Комитетот за борба против тероризмот на Советот на Европа во тесна соработка и координација со други слични тела на Советот на Европа и ОН.