– Сончевата енергија се очекува да генерира до околу една петтина од електричната енергија на глобално ниво во денешниот летен солстициум на северната хемисфера, се вели во денешниот извештај на тинк-тенк организација од Лондон.
„Во текот на пладневните пикови на 21 јуни, Меѓународниот ден на солстициумот на ОН – 20% од светската електрична енергија ќе доаѓа од сончевата енергија“, истакна во својот извештај „Ember Climate“, додавајќи дека ова претставува зголемување од 16 отсто во однос на минатогодишниот солстициум. Летниот солстициум е најдолгиот ден на северната хемисфера и ден кога се добива најмногу сончева светлина.
Во текот на целиот месец јуни, околу 8,2 отсто од светската електрична енергија ќе се генерира од Сонцето, што е повеќе од 6,7 отсто во јуни 2023 година, се наведува во извештајот.
Соларната енергија стана најбрзорастечкиот извор на електрична енергија во светот. Кина сочинува 9,6 отсто од глобалниот удел, а нејзиниот капацитет се зголеми за 152 отсто на годишно ниво минатата година.
Во извештајот се истакнува дека минатата година во просек биле инсталирани 2 милиони соларни панели дневно, што е двојно повеќе од бројката во 2022 година.
Се наведува и дека околу 34 економии произведуваат над 10% од својата електрична енергија од сончевата енергија, која игра клучна улога во глобалната транзиција кон чиста енергија.
Европската Унија сочинува 9,2 отсто од глобалното производство на сончева енергија во 2023 година, во кое предводи Шпанија со 30 отсто од светскиот удел овој месец.
„Ember Climate“ проценува дека ЕУ повеќе од двојно ќе го зголеми својот придонес во сончевата енергија, достигнувајќи 20% од глобалниот вкупен износ во јуни, од 17% во истиот период минатата година.