„Солидарност“ бара ДДВ-то за пелети да остане 5 отсто во спротивно најавува протести пред Министерството за финансии

Здружението на потрошувачи „Солидарност“ бара парламентарното мнозинство да го прифати амандманот со кој се предвидува ДДВ-то за пелетите да остане 5 отсто во спротивно најавува дека ќе пристапи кон протести пред Министерството за финансии.

-Како Здружение на потрошувачи сме особено загрижени за последните случувања во поглед на зголемување на цената на пелетите. Имено Владата сака да изврши зголемување на ДДВ-то на овој енергенс од 5 на 18 отсто што неколку месеци пред започнување на грејната сезона дополнително ќе го оптовари џебот на граѓаните. Нашето Здружение бара додека не е доцна парламентарното мнозинство да го прифати амандманот поднесен од една од пратеничките групи со кој се предвидува за овој енергенс стапката на ДДВ да остане 5 отсто. Доколку не се излезе во пресрет и не се прифати нашето барање ќе пристапиме кон протести пред Министерството за финансии, велат од Здружението.

Со прифаќање на амандманот, додаваат, ќе се излезе во пресрет на над 50.000 домаќинства кои ги користат пелетите за затоплување во зимскиот период и би се заштедиле минимум околу 6.000 денари по домаќинство.

Посочуваат дека поскапување на цената од 13 отсто значи плус 2.000-2.500 денари по тон, а секое домаќинство во текот на една грејна сезона, како што велат, троши од три до четири тони пелети.