Сопругата на Зеленски во посета на Белград- ја дочека сопругата на Вучиќ

Во библиотеката на град Белград, Зеленска го посети археолошкиот локалитет со изложбата „Римска сала“, како и „Украинската полица“, катче од библиотеката со украински книги што е основана под нејзин патронат, објави Телеграф.

Таа имала можност да ги види и белградските четири евангелија од 16 век, првата книга отпечатена во Белград.

Градската библиотека во Белград на сопругите на претседателите на Србија и Украина им подари членски книшки и им додели монографии издадени по повод 90-годишното работење на институцијата.

Тамара Вучиќ и Олена Зеленска ги посетија паркот Калемегдан и белградската тврдина.

За време на посетата, сопругата на претседателот на Украина слушнала малку повеќе за историјата на Белград, за белградскиот Виктор, Споменикот на благодарноста на Франција и други симболи на главниот град на Србија.

Зеленска имаше можност да слуша аудио водич за тврдината, што од април е достапен на украински.

Во присуство на сопругите на претседателите на Србија и Украина, во Ректоратот на Универзитетот во Белград беше потпишан договор за научна, образовна и културна соработка меѓу Универзитетот во Белград и Националниот универзитет во Киев „Тарас Шевченко“.

Договорот го потпишаа ректорот на белградскиот универзитет Владан Ѓокиќ и проректорот за научна и педагошка работа на Националниот универзитет „Тарас Шевченко“, Ксенија Смирнова.

На обиколката присуствуваа министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба и амбасадорот на Украина во Белград, Володимир Толкач.