Сопствениците на маркети на нова средба со Дурмиши

Стопанската комора на трговци на големо и мало, која е основана пред четири дена и се уште во фаза на упис во Централниот регистар, изрази задоволство од прифатеното барање доставено до Владата за итна средба, во врска со одлуката за ограничување на маржите од 10 проценти на основните прехранбени производи.

-Според одлуката од средбата, на која премиерот г-дин Христијан Мицкоски го задолжи министерот за економија и труд, да одржи нова средба со нас, на 14.02.2025 година, во текот на денешниот ден ќе излеземе со ставови, кои ќе ги образложиме на средбата, кои ќе бидат анализирани со цел да се изнајде заедничко решение, велат сопствениците на маркети и продавници.

Сакаме да се создаде поволна клима за работа за сите чинители од секторот, да не се трпат штети, а сето тоа во интерес и на нашите потрошувачи, се наведува во соопштението.

Владата вчера не ја донесе одлуката за 10-процентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо што требаше да важи до 30 април и да опфати над 100 групи производи откако Стопанската комора на трговци на големо и мало вчера побара итна средба во врска со одлуката за ограничување на маржите.

Предлог-одлуката подготвена од Министерството за економија, според најавите, требаше вчера да биде разгледана на итна седница. По порастот на цените на основните прехранбени производи и граѓанските бојкоти, Владата во вторникот го задолжи Министерството за економија и труд да донесе одлука до 10-процентно ограничување на маржата во трговија на мало и 10 проценти на трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.

Државниот пазарен инспекторат кај трговците на мало утврди дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците дистрибутери се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.