Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ

Во Собранието денеска и утре ќе се одржи 21. Состанок на мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ.

Како што информираат од собраниската прес-служба, првата сесија на 21. Состанок ќе ја отворат Соња Мираковска и Андреас Шидер, копретседавачи на Kомитетот.

На овој состанок се очекува да бидат разменети мислења со претставници на Владата на Северна Македонија, Европската комисија и Европската служба за надворешни работи, за односите меѓу Европската Унија и Северна Македонија.

Како што стои во собраниската веб-страница, на овој состанок ќе се обратат Дрита Абдиу Халили, државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, во име на Владата на Република Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир, амбасадор, шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, во име на Европската служба за надворешни работи и на Европската комисија и Н.Е. Ејми Ларсон Џеин, амбасадорка на Кралството Шведска во Северна Македонија, во име на актуелното претседавање со Советот на ЕУ.

На првата сесија се очекува да се дискутира и за владеењето на правото и борба против корупцијата, граѓанското општество и медиумите, и добрососедските односи и регионалната соработка.

Додека, пак, на втората утрешна сесија се очекува да се дискутира за мерките за справување со загадувањето и енергетската криза. Исто така, треба да бидат усвојени препораките и Извештајот за Дијалогот Жан Моне. Но и да се соопшти датумот и местото за следниот состанок на МПК.