Сојуз на здруженија на медицински сестри: Во Македонија недостасуваат 6.000 медицински сестри, 240 се во процес на вработување

Сојузот на здруженија на медицински сестри, предводен од здружението „За нас“, апелира да се отворат конкурси за вработување на медицински сестри, бидејќи во земјата има недостиг од 6.000 медицински сестри.

Министерството за здравство најавува дека е во тек вработување на 240 медицински сестри и дека во наредниот период е планирано да се вработат двојно повеќе медицински сестри во јавните здравствени установи низ целата земја.

„Според податоците од Институтот за јавно здравје, во Македонија има 9.200 медицински сестри, што значи дека тоа е многу мал број во споредба со бројот на жители. Во земјата недостасуваат околу 40 проценти медицински сестри и ако треба да имаме 14.000-15.000 медицински сестри, тогаш недостасуваат околу 6.000“, вели претседателката на Сојузот на здруженија, Гордана Бешлиоска, во изјава за Новинската агенција.

Таа нагласува дека во последно време има тренд нашите медицински сестри да заминуваат во Словенија и Хрватска, каде што има домови за стари лица, нивното образование е признато, личните приходи се многу повисоки, постојано има отворени конкурси и можете веднаш да се вработите.

„Не можете да дозволите медицинските сестри да се пензионираат, да имате медицински сестри со договори на определено време, да не ги вработувате со години во болниците. Ова е невиден парадокс. На овој начин, ние самите ги принудуваме да си одат. Во болниците во земјите од регионот има преквалификации од една специјализација во друга, ги обучуваат и напредуваат за да ги пополнат критичните единици и интензивната нега“, вели Бешлиоска и нагласува дека треба да има континуирани конкурси, како што има во Србија, Хрватска и други земји во регионот.