“СО МЕСЕЦИ СЕ ПРИПРЕМААТ, ВО ПОЈАСОТ ГАЗА ЌЕ БИДЕ ПЕКОЛ!“ – Поранешниот прв човек на ЦИА ги предупреди Израелците: Еве што предвидува тој за копнената акција
Поранешниот прв човек на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Дејвид Петреус, смета дека Израел ќе се соочи со огромни тешкотии за време на планираната копнена операција во Појасот Газа.
Тој изјави за Sunday Times дека израелските команданти се соочуваат со исклучително тешка задача да водат војна во урбана средина со оглед на тоа што Хамас имал месеци да се подготви за тоа.
„Во една од најгусто населените области во светот, со широк систем на тунели, Израелците ќе мора да го користат своето оружје во најтешката средина што може да се замисли“, вели тој.
„Дури и ако Израел успее во тешкиот напад врз Појасот Газа со многу високи цивилни жртви, неговите дејствија мора нужно да бидат вкотвени во повоената стратегија за запирање на прегрупирањето на непријателот. Во спротивно, ризикува да ги повтори грешките што ги направија САД и нивните сојузници во Ирак“, смета Дејвид Петреус.
„Најголемата лекција од она што се случи во Ирак е дека треба добро да размислите што ќе правите кога ќе ја преземете контролата врз одредена област“, вели поранешниот шеф на ЦИА.
Како што претходно објави New York Times, израелската копнена операција во Појасот Газа требаше да започне овој викенд, но беше одложена неколку дена поради облачното време што ќе ја отежне способноста на израелските пилоти и операторите на беспилотни летала да ги поддржат копнените сили.