Спасовски: Зајакнување на институционалната соработка за отстранување на ризиците во воспитувањето и образованието
– Институционалната соработка ќе мора да ја зајакнеме уште повеќе, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на отворањето на работилницата за проактивно лидерство на прилепскиот Економски факултет.
Спасовски ова го најави во контекст на последните случувања во соседството и нагласи дека последните три години превентивно се дејствува во и околу училиштата.
– Оваа трибина доаѓа во вистинското време на предизвици од кои научуваме, за жал, откако ќе се случат без разлика дали е кај нас или во соседството. Три години превентивно дејствуваме во училиштата и преземаме низа активности еднаш неделно во однос на безбедноста на учениците. По настаните во Србија гледаме колку е тоа битно за целиот тој процес. Сметам дека таа институционална соработка ќе мора да ја зајакнеме уште повеќе и превентивно да дејствуваме за отстранување на сите тие ризици кои се во делот на воспитувањето и образованието, вклучувајќи го семејството како една од клучните и најважни алки во целиот овој процес. не е фер сите работи да ги префрлиме на образовните институции во овој период и тие да бидат одговорни за сето тоа што ние како луѓе или семејства не сме направиле. А безбедноста сме сите ние, истакна Спасовски.
Улогата на МВР и полицијата во локалната заедница е значајна од повеќе аспекти, особено ако се имаат предвид новите модели на полициското работење кои опфаќаат присуство на полицијата во заедницата и заеднички одговор на проблемите. Поради ризиците на безбедност, воопшто потребата за поквалитетна институционална функционалност и проактивност се поддеднакво изразени и на централно и на локално ниво.
– Со заеднички пристап може да постигнеме подобри резултати. А превентивното дејствување е најбитно. Лидерството на сите чинители, без разлика на институцијата и субјектот се многу битно. Ги поттикнуваме сите раководители да вложат во своите знаења, да ја развиваат својата професионална мрежа на соработници, од домашни и меѓународни организации и на тој начин да го поддржат процесот на реформи и имплементирање на европските стандарди, потенцира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната трибина за проактивното лидерство на економскиот факултет во Прилеп.