Министерството за внатрешни работи обајви дека не е вистина оти и бугарски полицајци ќе се грижат за безбедноста в сабота, на чествувањето по повод денот на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
„Македонската полиција постапува самостојно, по претходно изготвен оперативен план и е подготвена во целост, не само за овој настан, туку за сите настани, не само за оваа пригода, туку за сите пригоди, во било какви услови – да направи сѐ за да ги сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните“, велат од МВР.
Претходно од бугарското Министерство за внатрешни работи објавија дека се подготвени да испратат свои полицајци во Скопје за в сабота, ако добијат за тоа барање од македонското МВР.
Претседателот Стево Пендаровски ја оцени свеченоста в сабота како настан со висок ризик.
Ова не е првпат политичарите од двете земји да го чествуваат Гоце Делчев. Во 2017 година и во 2019 година поранешните премиери на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов положија цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас.