Случувањата на геостратешко ниво сериозно влијаат врз безбедносната состојба. Безбедносните служби се консолидирани и се во постојана координација со цел да се сочува безбедноста и стабилноста на државата, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Сите случувања на геостратешко ниво сериозно влијаат на безбедносната состојба, а и случувањата во регионот бидејќи ние сме кревок регион во однос на безбедноста. Имаме отворени прашања коишто треба да се решат преку дијалог. За жал, во 21 век имаме руска агресија врз Украина, а во моментот имаме и нова безбедносна криза во Израел. Сето тоа имплицира дека мораме да бидеме многу внимателни, да работат консолидирано сите безбедносни служби. Следиме од час во час и сите активности се анализираат, истакна Спасовски во емисијата „Трилинг“ на телевизија 24.
Во однос на законот за амнестија, Спасовски повтори дека негов личен став е дека таков закон не треба да се донесе.
– Сметам дека нема ниту една причина која би оправдала носење на закон за амнестија. Ако причината е функционалноста на системот за извршување на санкции – дека ќе се ослободат повеќе места, ќе се релаксираат казнено-поправните установи – анализата којашто ја направи Агенцијата за извршување на санкции по однос на законското решение е дека 260 лица ќе можат да бидат амнестирани за кривични дела коишто не се поврзани со овие за кои зборуваме: висока корупција итн., туку се едноставно кражби, разбојништва, јавен ред и мир, сообраќај… Сето тоа нема да придонесе да се релаксира системот. Напротив, сметам дека, а тоа го покажува и праксата, истите тие луѓе за многу краток временски период повторно стануваат проблем и се враќаат во казнено-поправните установи, рече Спасовски.
Во врска со можноста за враќање на екс премиерот Никола Груевски назад во државава, Спасовски рече дека нема начин на којшто тој би се вратил, а да нема одговорност.