Спасовски: Отворивме сериозна битка со криминалните структури, најголем дел од нив се веќе зад решетки
– Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека конечно има разврска за пресметките кои во минатиот период се случија во Скопје, имајќи предвид дека тие банди и криминални групи се градени 30 години.
-Се отвори конечно едеш широк фронт на борба од страна на МВР против овие структури и за тоа постојат конкретни факти и докази и арументи. Ако ги погледнете криминалните структури, борбата со трговијата со дрога, борбата со трговијата на оружје, кои се лицата коишто се уапсени, кои се тие коишто се наоѓаат на издржување на казни затвор, тоа се структури кои потекнуваат од тие криминални структури коишто биле во Скопје или државата, потенцираше министерот Спасовски во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Како што посочи министерот, не постојат тешки и лесни кривични дела, нема мали и големи криминалци. Криминалците се криминалци.
-Во водењето на истрагите за кривичните дела, обезбедувањето на доказите се клучната работа којашто ја имаме, така да воопшто не е важно дали е уапсен за едно кривично дело или второ, важно е да се докаже кривичното дело и да имаме неселективна отворена борба која што впрочем се случуваше во изминатите години. Сами бевте сведоци минатата недела на апсење на еден криминалец на една од тие структури од Грчец, којшто беше уапсен на јавно место во центарот на Скопје, потенцираше Спасовски.
Министерот Спасовски истакна дека интензивната борба со криминалот во последниот период резултираше со намалување на севкупниот криминалитет во државата за 11 отсто во 2023 споредено со 2022 година и со зголемување на ефикасност и откривачката дејност на полицијата за 4 отсто.
-Ако погледнете процентуално ќе видите колку е висок процентот на расветлувањето на кривичните дела. Перцепцијата мораме да ја градиме на факти и аргументи. За жал градењето на тие криминални групи и структури трае 30 години. Факт е сега дека отворивме една сериозна битка којашто допринесе да го имате најголемиот дел од тие криминални групи зад решетки, без разлика за какви кривични дела се таму. Интензивно работиме на расчистувањето на овие дела меѓутоа важно е да се приберат доказите. Не може да правиме перцепција за расчистени кривични дела, само за да се задоволи јавноста, без притоа да имаме обезбедени докази, потенцираше министерот Спасовски.