Спасовски: САД се идеја за напредок и гарант на правдата

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати честитка по повод 4 јули – Денот на независноста на Соединетите Американски Држави.

„Почитувани пријатели од Соединетите Американски Држави, дозволете ми во мое име и во име на Министерството за внатрешни работи да ви го посакам Денот на независноста на САД, со желби за континуиран просперитет и благосостојба на пријателскиот американски народ. Оваа година нашите американски пријатели ја одбележуваат 247-годишнината од усвојувањето на Декларацијата за независност на 4 јули 1776 година – денот кога храбрите татковци на Америка решија да ја земат својата судбина во свои раце и да работат на изградба на земја која ќе им овозможи нив и иднината генерации Американци да живеат во мир и слобода“, напиша Спасовски на Фејсбук.

Според него, Америка е идеја за напредок, избор на можности, заштита на ранливите категории граѓани, контрола над моќниците, но и гаранција за правда.

„Американскиот патриотизам се заснова на принципите дека ниту една личност, ниту една партија, ниту една интересна група не може да биде над Америка. Ова е американска историја. И долга е линијата на патриоти кои ги дадоа своите животи во име на таа света чест во одбрана на овој народ и на демократијата во целиот свет – за слобода, за мир и безбедност, за нови можности, за каузата на правдата или ако ќе – за душата на САД – демократија“, нагласува Спасовски.

Министерот за внатрешни работи истакна дека американската демократија е главна инспирација за демократиите на глобално ниво, додека, како што нагласува, ни претставува особена чест и задоволство да бидеме стратешки партнери и да ја унапредуваме трансатлантската соработка како сојузници во НАТО.

Според Спасовски, денес сме најбезбедната земја на Западен Балкан, со стабилен мир и заштитени права на секој наш граѓанин, без разлика на национална, верска или друга припадност.

„Денес Република Северна Македонија е исклучително добро етаблирана на меѓународно ниво, со висок углед меѓу сите релевантни регионални и меѓународни организации и иницијативи, за што несомнено придонесоа американските пријатели. Со цврсто убедување дека и во наредниот период, кој е исклучително важен за нашата земја, ја имаме директната и јасна поддршка од САД – обединети да работиме во насока на гарантирање на европската иднина на државата, секогаш водени од премисата дека никој е над државата, над интересите на граѓаните“, нагласува Спасовски.

Продолжуваме со стратешкиот дијалог со САД за, како што напиша, уште поблиска и посуштинска соработка, со заеднички напори да изградиме отпор кон сите закани, да ја продлабочиме соработката во сите области од заеднички интерес и заедно да придонесеме за просперитетот на регионот и светот.