Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на 14-годишната Вања Ѓорчевска, која исчезна во понеделникот на пат кон училиште.
Во изјава за медиумите по посетата на СВР Скопје, министерот Спасовски рече дека се сослушани десетици лица и дека се проверува електронската опрема на семејството и девојчето.
„Проверено е и коритото на реката Вардар, се проверуваат сите подземни простори, не само во околината, туку и пошироко. Работиме и на добивање податоци од црквите и манастирите во околината на Скопје и нема да застане тука, работиме интензивно“, рече Спасовски.
Тој им се заблагодари и на медиумите за објективното информирање и борбата против лажните вести, кои се шират на социјалните мрежи.
Вања исчезнала рано наутро во понеделникот на пат кон училиште. Последниот сигнал од нејзиниот телефон се изгубил пред Универзална сала на булеварот „Арадат Партизане“.
МВР објави нејзина фотографија и опис во списокот на исчезнати лица, а по неа трага и Интерпол. За тоа информираа и дел од медиумите од регионот.