Јавниот превоз во Белград беше суспендиран синоќа за време на големите улични блокади и бранот граѓанска непослушност, што следеше по насилната интервенција на полицијата против демонстрантите на масовните протести одржани на 28 јуни во српската престолнина.
Блокади на раскрсници и главни патишта, заедно со повремени судири со полицијата, беа организирани синоќа во Белград, Нови Сад, Ниш и десетина други градови. Најжестокиот инцидент беше забележан во белградската општина Врачар, каде што полицијата во опрема за нереди физички ги нападна граѓаните, а според видеата на социјалните мрежи и изјавите на сведоците, приведени се неколку лица, меѓу кои и малолетници.
Полицијата интервенираше и на Електротехничкиот факултет, каде што употреби палки за да ги избрка демонстрантите.
Граѓаните се собраа и пред полициската станица Врачар, барајќи ослободување на приведените. Скандираа „Апсење на Вучиќ“ и „Дали имате срам“, протестирајќи против приведувањата, меѓу кои и на средношколци. Тие беа ослободени во текот на вечерта, а последниот ја напушти станицата околу полноќ.
Од другата страна на градот, граѓаните одржаа мирен протест со континуирано одење по кружниот тек помеѓу Нови Београд и Земун. Иако беше најавено дека собирите ќе траат до полноќ, демонстрантите останаа на улиците и по тој период.
Околу 0:30 часот избувна нов судир меѓу полицијата и граѓаните пред зградата на Правниот факултет. Според извештаите од порталот Nova.rs, собраните биле претепани и туркани кон зградата, а некои биле приведени.
Министерството за внатрешни работи објави дека припадници на Полициската бригада биле нападнати додека се обидувале да приведат лице на раскрсницата на Булевар „Краља Александра“ и улицата „Рузвелтова“. Тврдат дека лицето претходно го нарушило јавниот ред и мир и поставило контејнери на коловозот.
Во таа прилика еден полицаец бил повреден, а едно службено возило оштетено.
Главните патишта во Нови Сад синоќа беа блокирани, вклучувајќи го и булеварот „Европа“ и уште пет клучни раскрсници. Локалниот портал 021.rs објави дека возач на BMW се забил во демонстрантите, оштетувајќи неколку велосипеди и повредувајќи еден млад човек.
Демонстрации беа организирани на 15 локации низ градот, при што граѓаните возеа велосипеди околу раскрсниците како форма на блокада.
Протести беа одржани и во други градови. Во Панчево, Тамишкиот мост беше блокиран четврта ноќ по ред, а граѓаните, минувајќи покрај локалните канцеларии на Српската напредна партија, оставија десетина вреќи со ѓубре пред зградата.
Додека граѓанските немири се шират низ Србија, со сè побрутални полициски интервенции, се огласи и Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации.
„Внимателно ги следиме случувањата во Србија по извештаите за насилство, вознемирување и произволни апсења на граѓани. Ги повикуваме властите да покажат воздржаност и да ја почитуваат слободата на изразување и правото на мирно собирање. Потребни се мерки што ќе ја вратат довербата и ќе отворат простор за социјален дијалог“, се вели во соопштението објавено на мрежата X.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ќе напише книга со наслов „Како ја победив обоената револуција во Србија“, опишувајќи ги актуелните настани како „контејнер револуција“.
„Ова нема никаква врска со Александар Вучиќ. Ова ни се случува на секој од нас. Омразата и контејнер револуција не можат да бидат иднината на Србија. Србија не сака да биде уништена, Србија сака да оди напред“, напиша Вучиќ на Instagram.
За вечерва се најавени нови блокади и протести во Белград, Нови Сад и други градови низ земјата.