СПМ повикува по истекот на рокот од 10 работни дена од пленарната седница да се пристапи кон гласање за уставните измени
Социјалистичката партија на Македонија на македонските граѓани им укажува на неодржливоста на актуелната внатрешна состојба во државата оптеретена со длабока политичка и уставна криза како последица на неодговорното однесување на власта.
Во изминатиот неколку годишен период власта целата енергија ја посвети во надворешната политика и на евроинтегративниот процес на Република Македонија кој и покрај сите укажувања и предупредувања од опозицијата се испостави како целосно промашен и неуспешен. Тоа се покажа со изгласување на Дневниот ред на собраниската 123 Седница на која се потврди дека мнозинството ниту оддалеку го нема потребното двотретинско мнозинство.
На овој начин до крајност искомпромитираната и коруптивна власт го загуби елементарниот легитимитет кај граѓаните, а со оддолговлекувањето на процесот дополнително ја усложнува ионака сериозната состојба и свесно ја турка државата сè подалеку од вистинското започнување на преговарачкиот процес за полноправно членство на Република Македонија во ЕУ.
Социјалистичката партија на Македонија укажува дека и покрај тоа што листата на пријавени говорници е исцрпена и дебатата за потребата од уставните измени е завршена, собранискиот Деловник повторно е грубо прекршен со прекинување на седницата. Наместо гласање на пратениците за потребата од отварање на Уставот, за што имаше повеќе од доволен број на присутни пратеници, мнозинството спротивно на Деловникот одлучи за прекинување и пролонгирање на чинот на гласање покажувајќи ја сопствената немоќ и страв од целосен дебакл, собраниски и политички.
Затоа што собраниската Седница е сеуште отворена и тече рокот со предвидените десет деловнички дена за дебата повикуваме, по истекот на овој период, за нејзино итно продолжување и преоѓање кон формално гласување на поднесениот предлог за потребата од менување на Уставот на Република Македонија како уште една потврда на немањето на двотретинско мнозинство.
Ја повикуване власта на разум и ја поттикнуваме на државничко однесување за донесување на единствено можната одлука за гласање, распуштање на Собранието на Република Македонија и распишување на вонредни парламентарни избори.
Социјалистичката партија на Македонија напоменува на цврсто изградената поврзаност со огромното мнозинство граѓани, како и на принципелниот став и одлучност на пратениците од пратеничката група на Коалицијата „Обнова на Македонија“ во заштита на македонските национални и државни интереси со одбивање на предложените уставни измени.
СООПШТЕНИЕ – Социјалистичката партија на Македонија