Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил денеска изјави дека САД инсистираат да се спроведе сè што е договорено во Бриселскиот договор и изрази уверување дека е реално да се очекува формирање на Заедницата на српските општини до крајот на годинава.
– Основното прашање е да се позанимаваме со она што се нарекува Заедница на српски општини, што произлегува од првичниот бриселски договор, изјави Хил за телевизијата К1, нагласувајќи дека тој апсолутно мора да се спроведе за луѓето да имаат доверба во идните договори, пренесе Бета.
Зборувајќи за рокот за формирање на ЗСО, Хил изјави дека „смета дека се зборува за разумни рокови кога се вели дека тоа е можно до крајот на годината“.
– Сепак, не сум сигурен дека можеме да зборуваме дури и за рокови, но луѓето треба да прават нешто секој ден за да се дојде до решение. Но, мислам дека е реално да се предложи сето тоа да се случи оваа година. Мислам дека оваа година е значајна година и француско-германскиот предлог е позитивен и може да се спроведе, додаде тој.
Хил истакна дека кога станува збор за косовското прашање, САД „апсолутно го поддржуваат она што го направија Европејците, особено предлогот што доаѓа од Французите и Германците“ и дека се обидуваат да стават до знаење дека сакаат да бидат дел од процесот и гаранција за исходот од преговорите.
Тој рече дека решението за косовското прашање е решение за Србија, решение на Балканот, но и решение за Европа.
– САД имаат долгорочни интереси во овој континент и овој регион. Она што треба да го направиме е да работиме со Европејците на решение за тие проблеми, посочи американскиот амбасадор.
Тој додаде дека Вашингтонскиот договор не треба да се заобиколи бидејќи „таму се разговарало за многу важни работи како што е економијата за да се осигура дека Приштина и Белград можат да решат некои прашања кои директно влијаат на животот на луѓето на терен“.