Европските невладини организации во периодот од 2021 до 2023 година од ЕУ добиле финансиска поддршка од околу седум милијарди евра, но тоа финансирање било направено со недоволна транспарентност и отчетност, се наведува во извештај на Судот на ревизори на ЕУ.
– Откривме дека финансирањето на невладините организации од страна на ЕУ е премногу нетранспарентно и има недостиг на транспарентност, изјави раководителката на тимот ревизори што го изработи извештајот, Лаима Андрикиена.
Според неа, при финансирањето на невладините организации Европската комисија не водела сметка за тоа дека биле поддржани и одредени активности, како што е лобирањето.
– Не постојат ниту активни проверки дали финансираните невладини организации ги почитуваат вредностите на ЕУ, истакна Андрикиена, додавајќи дека ваквите постапки го изложуваат на ризик угледот на ЕУ.
Во извештајот ревизорите посочуваат и дека наишле на докази за злоупотреба на средствата добиени од ЕУ, но дека таа појава не претставува структурен проблем.
Андрикиена посочи дека наишле на два случаи кога со оперативни грантови финансирани од програмата ЛИФЕ, биле поддржани активности за влијание врз креаторите на политиките. Таа додаде дека бил откриен и случај кога „еден голем истражувачки институт“ бил класифициран како невладина организација, иако во него биле вклучени само владини претставници, додека друг субјект, која исто така бил претставен како НВО, имал и комерцијални интереси од своите активности.
Според Андрикиена, клучен проблем е што „нема сигурен преглед на парите од ЕУ платени на невладините организации“.
Во извештајот се посочени и случаи кога средства од Кохезивниот фонд на ЕУ биле префрлани на локални невладини организации за одржување на фестивали и други културни настани.
Извештајот доаѓа во време кога во Брисел се води дебата околу финансирањето на невладините организации од страна на ЕУ. Во тие рамки беа изнесени обвинувања дека „европските бирократи“ ги злоупотребувале невладините организации, преку тајни договори за доделување средства на еколошки групи преку програмата ЛИФЕ.
На оваа невладините организации одговорија дека станува збор за занемарливи средства и дека податокот оти од програмата ЛИФЕ за финансирање на еколошките групи годишно се издвојуваат околу 15 милиони претставува „грешка во заокружувањето на буџетот“.
Во реакција на ваквите тврдења, Европската комисија најави дека ќе утврди „јасна дефиниција“ за тоа што е невладина организација и дека ќе подготвува годишни извештаи за тоа колку пари ЕУ троши на граѓанскиот сектор.
ЕК најави и дека ќе спроведе „активна проверка“ за утврдување дали финансираните групи дејствуваат во согласност со вредностите на ЕУ, со што би се напуштила сегашната практика според која невладините организации само треба да дадат изјава дека ги почитуваат европските вредности.
Во мај минатата година Еврокомисијата ги промени правилата за финансирање невладините организации, што од нивна страна, но и од некои левичарски групи, беше оценето како обид на политичарите од десниот центар „да ги замолчат непожелните гласови преку авторитарни тактики“.
Европратеникот на редовите на Зелените, Даниел Фројнд оцени дека загриженоста за нетранспарентност при распределбата на средствата од ЕУ е оправдана, но дека тоа не е проблем само со невладините организации.
Според него, наместо целиот случај да се „прекрши преку грбот на невладините организации“, треба да се преземат мерки за ставање крај сите сомнежи за злоупотреби на финансирањето од страна на ЕУ.