Средбата меѓу таткото на Меси и претседателот на Барселона се одржала во целосна тајност

Барселона на секој начин се обидува да го врати Лионел Меси на „Камп Ноу“, а претседателот на клубот Жоан Лапорта направи потег кој многумина го сметаат за клучен за финализирање на трансферот.

Лапорта се сретна со таткото на Меси, Хорхе, кој е и негов менаџер.

Средбата се одржала во март, а дури сега протече во јавноста. Сепак, од таборот на Барса претходно објавија дека се „остварени контакти“ со Меси, а шпанските медиуми токму таа средба на таткото на Меси и Лапорта ја поврзуваат со соопштението на клубот.

Со оглед на тоа што потпретседателот на Барселона, Рафаел Јусте го изрази своето задоволство од првите контакти со Меси, шпанските медиуми тврдат дека разговорот помеѓу Хорхе Меси и Жоан Лапорта бил продуктивен, а дека Лионел е блиску до враќање во клубот. .

Меси има договор со ПСЖ до крајот на оваа сезона, а со оглед на тоа што се уште не го продолжил, тешко дека ќе прифати нова понуда од парижаните. Меси на маса има понуда и од Саудиска Арабија вредна 400 милиони евра годишно, но со 35 години верува дека се уште може да игра во Европа за разлика од најголемиот ривал Кристијано Роналдо.

Единствена пречка за трансферот е тоа што Барселона е во финансиски проблеми, истите кои го натераа Меси да го напушти „Камп Ноу“ и да замине во парискиот клуб пред речиси две години. Сепак, челниците на Барса активно работат на решавање на овие проблеми за Меси повторно да го предводи каталонскиот тим со капитенската лента.