Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски го запозна новиот помошник државен секретар на САД Џејмс О’Брајан со најновите внатрешно-политички случувања во Северна Македонија и надворешнополитичките приоритети, соопшти Владата.
Како што се наведува во соопштението, Ковачевски се сретна со О’Брајан во рамки на работната посета на Париз, а тоа беше прва средба на премиерот на Северна Македонија со новоименуваниот помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија.
На средбата, како што се наведува, Ковачевски и О’Брајан ја потврдиле важноста на силното стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и САД, а покрај билатералните односи, на средбата станало збор и за „други актуелни теми во регионот и пошироко“.
За оваа средба се огласи и Премиерот Димитар Ковачевски на својот Инстаграм профил а објавата може да ја погледнете.
„Се потврди важноста на Северна Македонија како фактор на стабилност и безбедност во регионот, а беше истакната и неопходноста од непречено продолжување на нејзиниот евроинтегративен пат, што е и во интерес на САД“, се вели во соопштението на Владата.
Помошникот државен секретар О’Брајан го потврди ставот дека САД ги гледаат како природни партнери оние кои се посветени на европската интеграција, НАТО и зајакнувањето на демократијата.
Тој го поздрави досегашниот напредок на Северна Македонија во повеќе области и изрази очекување дека земјата ќе продолжи по патот на напредокот, се вели во соопштението.