Средба Вучиќ-Лајчак: Неопходно формирање Заедница на српски општини и итни избори во Косово

– Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека во разговорот со специјалниот пратеник на Европската Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во Белград „укажал на неопходноста од формирање на Заедницата на српски општини и најитно одржување на локални избори на северот на Косово, и побараа поддршка од ЕУ за запирање на понатамошните провокации од Приштина“.

Вучиќ на социјалните мрежи наведе дека ја повторил подготвеноста на Србија да ги исполни своите обврски со почитување на Уставот на Србија и Повелбата на ОН.

Разговорот со Лајчак го оцени како конструктивен и многу коректен.

„Укажав на неопходноста од формирање на Заедницата на српски општини, најитно одржување на локални избори на северот на Косово и Метохија, и побарав поддршка од ЕУ за запирање на понатамошните провокации кои доаѓаат од Приштина. Ја повторив подготвеноста на Република Србија да ги исполни своите обврски, во согласност со меѓународно-правните договори со почитување на Уставот на Република Србија и Повелбата на ОН“, наведе Вучиќ.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија во Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека Вучиќ на средбата со Лајчак ја истакнал многу тешката положба на српскиот народ и неопходноста Приштина да престане да спроведува ескалирачки потези кои го уништуваат животот на Србите.

Петковиќ на прес-конференцијата рече дека Вучиќ ја истакнал неопходноста од формирањето Заедница на српски општини.

Тој рече дека состанокот траел повеќе од еден час, дека не бил лесен и дека Вучиќ јасно и аргументирано нагласил кои се вистинските проблеми во однос на нормализацијата на односите.

Во разговорот со Лајчак, Вучиќ особено инсистирал на тоа дека косовскиот премиер Албин Курти мора да престане со провокациите и одлуките како што е укинувањето на динарот, „која има за цел да го протера српскиот народ не само на север, туку и на југ од Ибар и да стави точка на дијалогот“.

„Мирот е она што очајно ни е потребно, за разлика од Курти, кој прави сè со своите потези и одлуки да го загрози тој мир и да го протера српскиот народ на Косово и Метохија. Ќе се бориме по демократски пат да го сочуваме нашиот народ“, нагласи Петковиќ.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, истакна дека Лајчак утре ќе престојува во Приштина и дека тоа е дел од неговиот „постојан контакт и интеракција со партнерите за да им помогне да напредуваат во дијалогот“.